Main Menu

Заеднички Богослужби и Исповед На Свештенството PDF Print E-mail
Tuesday, 07 April 2009 00:51
ЗАЕДНИЧКИ БОГОСЛУЖБИ И ИСПОВЕД НА СВЕШТЕНСТВОТО ОД ДВЕТЕ АМЕРИКАНСКИ НАМЕСНИШТВА  

 

Reynoldsburg (Columbus), Ohio  

     „Со нас е Бог,

     разберете незнабошци

     -и покајте се,

     зашто-со нас е Бог!“

     (извадок од пеењата на Великото Повечерие) 

 

      Во текот на минатата седмица, петта во Великиот Велигденски Пост, кога  си  спомнуваме за образецот на благодатното вистинско покајание-преподобната Марија Египјанка, во нашиот Храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Reynoldsburg (Columbus), Ohio присуствувавме на несекојдневен настан.

      Во вторник-март 31 и среда-април 1, на денот посветен на светите маченици Хрисант и Дарија, се одржаа заеднички богослужби (Велико Повечерие, Утрена, Часови, Вечерна и Преждеосвештена Литургија) во сослужение на свештенството од двете Американски Намесништва-Западното и Источното.

      Домаќините, отец Душко Ѓорѓиевски-нашиот парохиски свештеник и г-дин Јосиф Христовски-претседателот на нашата црковна општина, овој пат ги имаа на гости:

      -протоереј-ставрофор, отец Томе Стаматов, архиерејски заменик од Crown Point, Indiana;

      -протоереј-ставрофор, отец Стојан Стојанов од Chicago, Illinois;

      -ереј, отец Рубинчо Ацески од Chicago, Illinois;

      -протоереј-ставрофор, отец Димитар Алинчанец од Detroit, Michigan;

      -протоереј, отец Драги Трпевски од Detroit, Michigan;

      -ереј, отец Синиша Ристевски од Detroit, Michigan;

      -протоереј, отец Зоран Здравев од Green, Ohio;

      -протоереј, отец Васил Манасиев од Avon, Ohio; и

      -протоереј, отец Константин Митровски од Cincinnati, Ohio

      од Западно-Американското Намесништво, а со своето присуство посебна чест ни направија свештениците од Источно-Американското Намесништво:

      -протоереј-ставрофор, отец Слободан Петровски од Randolph, New York;

      -протоереј-ставрофор, отец Бранко Постоловски од Syracuse, New York;

      -ереј, отец Марјан Димитриевски од Тotowa, New Jersey;

      -ереј, отец Нино Петров од N. Henrietta, New York; и

      -ереј, отец  Андреј Дамјановски од Blasdale, New York

     Иако беше среде работна недела, богослужбите ги проследи броен македонски православен народ, онака како што секогаш ги има на кој и да е од нашите црковни празници. Ваков настан кој кај нас се случува, засега, еднаш годишно во текот на Велигденскиот Пост, привлече доста и од помладите поколенија, некои од нив можеби и за првпат да ги слушнат прекрасните Великопосни Песнопеења, како-„Со нас е Бог“, „Господи на Силите“, покајничката молитва на јудејскиот цар Манасија, молитвите на големите коленопреклони поклони на Свети Ефрем Сириски-„Владико на мојот живот...“, кои никого не оставиле рамнодушен-напротив секого го трогнале до срж.

     Утрото, следниот ден ги проследивме Утрената и Часовите, а пред Литургијата на Претходноосветените Дарови, нашиот парохиски свештеник, протоереј-ставрофор отец Душко Ѓорѓиевски ја изврши Светата Тајна Исповед за свештенството од двете Намесништва. Во својата проповед, отецот нé потсети на значењето, потеклото и повеста за Литургијата на Претходноосветените Дарови  на свети Григориј Двоеслов уште од ранохристијанските времиња.  На Литургијата дел од верниот народ се причести со Светите Христови Таинства.

     Како и секогаш, конечно-како и што доликува-членките на женската секција приредија вкусна разнолика посна Трпеза на Љубовта, по која што секој од гостите се упати назад кон својата парохија со, се надеваме, пријатни впечатоци од престојот во Храмот под закрила на Нашата Небесна Застапничка-Пресвета Богородица.

     До скоро видување и повторна средба, чесни оци! 

     „Господи на силите-

     -со нас биди!

     Друг Помошник во скрбите

     освен тебе-ние немаме...

     Господи на силите-

     помилуј нé!“

     (извадок од пеењата на Великото Повечерие)

     Подготвиле:

     Лазар Пурдеф и

     чтец Ѓорѓи Ѓурчиновски

 

Deprecated: Function ereg_replace() is deprecated in /home/macedoni/public_html/plugins/system/jfdatabase/jfdatabase_inherit.php on line 560