Main Menu

PDF Print E-mail
Monday, 06 April 2009 21:06

ГОДИШНИНА ОД ОСНОВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКОТО ДРУЖЕСТВО „АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ“ ВО COLUMBUS, OHIO

Reynoldsburg (Columbus), Ohio. Македонското Дружество „Александар Македонски“, Columbus-Ohio
...А сега да ги прославиме

славните луѓе

и отците на нашиот род.

Книга Мудрост Сирахова, 44:1


Пред 71 година, на 9-ти март 1938 година е основано првото здружение на иселеници-емигранти од Македонија, кое што го носело македонското име од самиот почеток и во текот на сето негово постоење. Зборуваме за годините пред почетокот на Втората Светска војна, кога сé беше неизвесно...И пак тогаш, иако далеку од Татковината, како и порано, како и потоа, како секогаш, како во песната „ние Македонците, си ја запеавме наш’та стара песна“...

Но, да се вратиме за речиси тричетврти век наназад и со ведро чело да се присетиме:…

Првите зачетоци на наши иселеници кои се доселувале во Америка, односно во главниот град на државата Ohio-Columbus, датираат уште кон крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. До Првата Светска војна имало доселено само неколку семејства.По Првата Светска војна во Columbus се доселуваат уште неколку семејства.

Своите верски чувства, своите прадедовски обичаи и традиции немајќи каде да ги одржуваат, биле приморани да ги исполнуваат и исповедаат по туѓите организации и цркви. Така, оделе во руски друштва и организации, во грчката црква, подоцна и во српското друштво и во ред други, но секогаш се чувствувале како туѓинци, отфрлувани и омаловажувани, и што е најважно, никогаш не биле признати како посебен народ, како Македонци.

Тоа нивно лутање и омаловажување по другите друштва, организации, цркви, довело до сериозно размислување за организирање во едно дружество, свое македонско дружество, каде ќе ги исполнуваат сите тие нивни патриотски чувства, обичаи и обреди и никој не ќе може да им рече дека се Срби, Грци или Бугари.

Организациониот план за прибирање на македонскиот народ во Columbus во свое дружество фактички почнува од 1938 година. Причината за да се организираат во свое дружество веќе ја кажавме, но непосредниот повод за тоа е следниот: по кажувањата на еден од организаторите Вело Божин (Битола 1895-1984 Columbus), cрпското друштво „Србобран“ одржувало вечеринка и кога македонските иселеници разбрале, скоро сите отишле таму. Салата во која се одржувала вечеринката била мала, сите се чувствувале како во конзерва собрани.

По три-четири дена на празникот Свети Атанас-зимен, еден наш македонски доселеник по име Танас, родум од село Канино, битолско, чекал именден и сите македонски иселеници што живееле во Columbus отишле да му го честитаат името. Имале еден убав обичај-на такви празнични денови, се додека не се собереле сите, никој не си заминувал дома. Па така, откако се собрале сите (десетина семејства), започнал разговор за сé и сешто, па и за вечеринката одржана пред некој ден кај Србите. Тогаш Вело Божин им предложил: „Зошто и ние да не си створиме едно наше дружество, кое што ќе биде македонско дружество?“

Се договориле да се соберат следната недела во ресторанот на Ѓорѓи Тошев (внук од брат на војводата Пере Тошев). Се собрале девет души, и тоа-Вело Божин, Ѓорѓи Тошев, Ангел Чалдис, Ѓорѓи Констандин, Симо Ристев, Томас Мерием, Ѓорѓи Гаштевиќ, Нан Гаштев и Танас Трајковиќ, сите по потекло Македонци. На тој ден, 9 март 1938 година го основале Македонското Дружество „Александар Македонски (Alexander The Great)“ со надеж и силна верба дека како што тој бил силен, славен и непокорлив, така и нивното новоосновано дружество ќе биде цврсто, славно, непокорливо и неосвоиво за другите пропаганди што ровареле против македонштината и во оваа нивна втора Татковина.

За прв Претседател е избран основоположникот на Дружеството Вело Божин од Битола. Тој има голема заслуга за македонското иселеништво во Columbus, бидејќи од неговото постојано населување во Америка, па сé до смртта, со сета душа и срце, заедно со својата сопруга Марија, својот живот го посвети на Македонското Дружество „Александар Македонски“, кое што подоцна се преобрази во Македонската Православна црква „Успение на Пресвета Богородица“.

Македонското Дружество „Александар Македонски“, Columbus-Ohio

Македонското Дружество „Александар Македонски“, Columbus-Ohio

Постепено, со упорна работа, во Дружеството пристапиле скоро сите семејства доселени во Columbus. Како што Дружеството растело и зацврснувало на свои нозе, така созревала и потребата да се има и своја зграда, каде што ќе можат да си ги остваруваат своите прадедовски обичаи, традиции, песни и игри.

Конечно, во 1949 година, во јужниот дел на Columbus, на 794 South Front Street, со доброволни прилози на веќе околу 80 членови, купено е место и изградена е сала-македонска сала. Тука се одржувале разни свечености, вечеринки, игранки, веселби, каде што ќе се види кои се и што се и на кои што повеќе никој не можел да ги потценува и омаловажува.

Халата на Дружеството на 794 South Front St. снимена во март 2009 година

Халата на Дружеството на 794 South Front St. снимена во март 2009 година

Црквата Православна, како Богочовечка институција ништо не може да ја замени, па така и нашите иселени Македонци копнееле да имаат свој храм. Постојано одделувале средства за таа намена, но бидејќи црковното прашање во родната Македонија не било решено, разните цркви на соседните православни народи, редовно ги злоупотребувале новоизградените црковни објекти, за да ги регистрираат пред американските власти како свои.

И тука членовите на Македонското Дружество од Columbus се покажале цврсти и непоклатни да не подлегнат на искушенијата и измамите на разните изродени организации и пропаганди. Затоа, веднаш по основањето на Македонската Православна Црква во родната Македонија во 1958 година, членовите на Дружеството, основаа црква и побараа пред американските власти во Columbus нејзина регистрација. Потписници на одлуката за регистрирање биле: Методија Пашовиќ, Петар Кристофф и Вело Божин. Така, истата година на 28 декември, при сеопшт восхит од присутните верни Македонци, во халата на Македонското Дружество „Александар Македонски“, се одржа и првата Света Богослужба на македонски јазик отслужена од свештеникот, отец Стеван Белически, прва-не само во Охајо, но прва за сите наши иселеници, во сите прекуокеански земји.

По долгогодишната упорна работа, при сесрдно и сестрано залагање на неговите членови уште од првиот ден на неговото постоење, Македонското Дружество „Александар Македонски“, го достигна својот зенит во основањето на Македонската Православна црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Columbus, кон која што се слеа како кон своја мајка.

***

Во една од своите прекрасни емигрантски песни, Никола Јонков Вапцаров пее за копнежот на некој наш Македонец, кој сакајќи да го долови синилото на Охрид-како што и било името на неговиот дуќан, разлеал небесно сина боја преку целиот натпис над влезот од дуќанот. Замачкано сино нешто, вели поетот, но тоа, тоа е за него синевината на Охрид.

Слично на тоа, и нашите Македонци, овде во Columbus кога ја издавале книшката со статутот на Македонското Дружество „Александар Македонски“ (BY-LAWS), немајќи друга слика од славниот цар, на насловницата пренесле лик од стрип (comic book) за Александар Македонски, а за да нема ништо нејасно, уште во првата реченица го напишале следново:

 

BY-LAWS

The Macedonian American Society

ALEXANDER THE GREAT

Columbus, Ohio

Organized March 9th, 1938

PREAMBLE

We Macedonians from Macedonia, part of the former Turkish empire, immigrants in Columbus, Franklin County, Ohio, associate ourselves together in a fraternal, non-political and non-ecclesiastical organization to be called the “Macedonian American Society Alexander the Great” of Columbus, Ohio.

(користени извадоци од Спомен-книгата на протоереј-ставрофор Душко Ѓорѓиевски „Македонска Православна црква-Успение на Пресвета Богородица, 1965-2005, Четириесет Лета Господови“)

Подготвил:

чтец Ѓорѓи Ѓурчиновски

 

Deprecated: Function ereg_replace() is deprecated in /home/macedoni/public_html/plugins/system/jfdatabase/jfdatabase_inherit.php on line 560